Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) претставува едно од основните права на работниците, што е утврдено како такво во рамки на конвенциите на Меѓународната организација на трудот, во законодавството на Европската унија, Европската социјална повелба на Советот на Европа, а истото е загарантирано како право и со Уставот на Република Северна Македонија. Областа на безбедност и здравје при работа, како исклучително комплексна и пред сè мулти-секторска и мулти-дисциплинарна област, е регулирана со поголем број на законски и подзаконски акти, а за нејзината примена и имплементација неопходна е интензивна координација, комуникација и соработка помеѓу различни државни институции и органи, социјалните партнери и останати релевантни субјекти.  

Безбедноста и здравјето при работа во Република Северна Македонија е регулирана со повеќе законски акти, кои опфаќаат различни аспекти од оваа област , меѓу кои:

  • Закон за безбедност и здравје при работа;

  • Закон за работните односи;- Закон за здравствена заштита;

  • Закон за пензиско и инвалидско осигурување;

  • Закон за здравствено осигурување;

  • Закон за инспекција на труд;- Закон за техничката инспекција;

  • Закон за евиденциите во областа на трудот;

  • Закон за евиденции од областа на здравството;

  • Закон за заштита од вознемирување на работно место.

Донесени се и голем број на подзаконски акти (правилници) кои дополнително уредуваат и регулираат различни делови и аспекти од областа на БЗР.

Соодветно на тоа и повеќе институции и тела имаат свои надлежности во однос на различни делови и аспекти на безбедноста и здравјето при работа, како што се:

  • Министерство за труд и социјална политика;

  • Министерство за здравство;

  • Министерство за економија,

  • Министерство за транспорт и врски;

  • Државен инспекторат за труд,

  • Државен инспекторат за техничка инспекција,

  • Институт за медицина на трудот,

  • Институт за јавно здравје,

  • Фонд за здравствено осигурување;

  • Фонд за пензиско и инвалидско  осигурување;

  • Совет за безбедност и здравје при работа и други.

Покрај постоењето на соодветна законска рамка која ја регулира областа и функционирањето на надлежните институции, тела и органи, за воспоставување и функционирање на ефективни системи и механизми за безбедност и здравје при работа, од исклучително значење е „социјалното партнерство“ и активната и континуирана вклученост, координација, соработка и меѓусебна информираност на работодавачите и работниците, на различни нивоа на организираност, во сите прашања, политики и интервенции кои задираат во безбедноста и здравјето на работните места.   Во овој дел голем придонес со својата работа во Република Северна Македонија даваат и стручната јавност и граѓанскиот сектор, претставен преку здруженијата на професионалци од областа на безбедноста при работа и медицина на трудот.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->