Бајрактар: Со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток го зголемивме за 20 пати

По повод Меѓународниот ден за толеранција, заменикот министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар се обрати на конференција организирана од МАНУ со наслов “Ефектот од имплементација на Конвенцијата за правата на детето“, на која рече дека децата се најосетливиот сегмент од човековата популација, и иако правно заштитени со бројни декларации и закони, и понатаму продолжуваат да бидат  исклучени во однос на задоволување на голем број егзистенцијални и развојни потреби. 

Во насока на подобрување на благосостојбата на децата, Министерството за труд и социјална политика спроведува сеопфатна реформа на системите за социјална и детска заштита. 

Па така, со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати, односно за првпат системот го отвораме за лицата со ниски примања. Конкретно, детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца.

„Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30%. Така, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија се зголеми за повеќе од 100%”, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар. 

Од друга страна, се следи и состојбата со децата на улица и зголемениот број на деца кои питачат и за таа цел во 2019 година од страна на Министерство за труд и социјална политика и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, а во соработка со УНИЦЕФ,  беа формирани  6 тимови составени од теренски работници и стручни работници кои работат на мапирање на деца на улица на најфрекфентните места на територијата на град Скопје, посета на семејствата и вклучување на истите во системот на социјална заштита.  

„Истовремено, МТСП интензивно го спроведува и процесот за деинституционализација преку кој се овозможи децата сместени во институците да се преселат во мали групни домови каде што им се обезбедени услови за живеење кои се најблиски до семејните”, изјави заменикот Бајрактар. 

Тој рече и дека еден од високите приоритети на Владата е инвестирањето во раниот детски развој и тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување  и образование, Владата на РСМ се обврза до 2021 да го зголеми за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст (3-6) во установите за згрижување и воспитание. Во таа насока, Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините работи на проширување на капацитетите за заштита и воспитание на децата.