Царовска:Крива Паланка доби простор за уште 40 деца, продолжуваме да градиме плански и да инвестираме во раниот детски развој

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество –Македонија и градоначалникот Борјанчо Мицевски денеска го отворија реконстуираниот дел од градинката „Пролетна Роса“ во Крива Паланка. Градинка е дел од ЈУДГ „Детелинка“ и со реализираните градежни активности капацитетот на објектот се прошири за уште 40 деца, со што сега оваа градинка располага со вкупен капацитет за 380 деца.

„Продолжуваме плански да градиме инфраструктура за потребите на детската заштита и воспитание и да инвестираме во децата коишто се иднината на државата. Раниот детски развој е клучен период за когнитивен и емотивен развој на децата, како и за стекнување вештини неопходни за тие да напредуваат во животот. Токму затоа, со секоја инвестиција во предучилишното образование, вложуваме во човечкиот капитал којшто е многу важен за иднината на државата и за развој на силна економија“, рече министерката Царовска.

Министерството за труд и социјална политика ја обезбеди опремата во износ од 402.000 денари, а парите за реконструкција се од Фондацијата отворено општество.

„Фондацијата Отворено општество - Македонија ги поддржува напорите на Владата на Република Северна Македонија и на општините да обезбедат што поголем опфат на дечињата во градинките. Децата коишто посетуваат предучилишно образование имаат многукратно поголеми шанси за подобар раст и развој и затоа е многу важно да се зголемат капацитетите и квалитетот на предучилишните установи. Со секоја инвестиција во овој сектор се овозможува подобра иднина за најмладите но и за целото општество“ изјави Фани Каранфилова-Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество -Македонија.  

Градоначалникот на Крива Паланка Мицевски, којшто се заблагодари за помошта, истакна дека Општината ќе ги продолжи активностите за подобрување на условите во предучилишното обазование

„За само една година инвестираме 15.000.000 денари преку МТСП, ФООМ, УНОПСДополнително во изработка е проект за нов кат на другиот објект на Детелинка кој го финасира МТСП, со кој исто така ќе се подобрат условите за сместување на децата“, рече градоначалникот Мицевски.

Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги подобрува условите и квалитетот во детската заштитa. Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти. Истоврмено ги јакнеме професионалните компетенции на кадарот и го враќаме достоинството на професијата воспитувач со зголемувањето на платите во просек за 16% и за дополнителни 5% на септемвриската плата која што ќе биде исплатена во октомври.