Царовска: Од септември почнува со работа Центарот за ран детски развој во Тркање, згрижувањето и воспитувањето бесплатно

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска со градоначалникот на Кочани Николчо Илијев го посетија Центрарот за ран детски развој во село Тркање. Центарот за ран детски развој чиј што капациетет е за околу 20 деца ќе почне да работи од први септември годинава и е во состав на детската градинка „Павлина Велјанова“. Згрижувањето и воспитувањето на децата во Центарот е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден.

„Навистина ми е драго што овој центарот во Тркање е во рурална средина и ги прави последните подготовки за отпочнување со работа. Од она што можев да го видам, обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар како програма за вршење на дејноста. Центарот е наменет за деца на возраст од 3 до 6 години и ги повикувам родителите од селото да ги запишат децата за да може да започнат да ја следат програмата од септември“, рече министерката Царовска при посетата на Центарот во Тркање.

Министерката истакна дека Кочани е и една од првите 4 општини која ќе гради нова градинка за над 100 деца со грант од Светска банка, за што минатата недела беа потпишани договори.

„Министерството за труд и социјална политика продолжува да инвестира во раниот детски развој со отворање на нови градинки и центри за ран детски развој, проширување и опремување на постојните објекти, но и со јакнење на професионалните компетенции на кадарот што работи со децата“, рече Царовска.

Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Истовремено со последното зголемување на платите во просек за 16% на давателите на услиги, после долги години се враќа достоинството на професијата.