Царовска: Продолжуваме да инвестираме во градинки, Кочани, Неготино, Кисела Вода и Кавадарци добија грант од Светска банка за нови објекти

Кочани, Неготино, Кисела Вода и Кавадарци се првите четири општини од вкупно 17 коишто ќе градат нови градинки со грант од Проект финансиран од Светска Банка, со кој се подобрува пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалниците Николчо Илијев, Тони Делков, Филип Темелковски и Тодор Ефремов, овластен преставник на градоначалникот Митко Јанчев, денеска ги потпишаа договори за грантот чија вкупна вредност само за градежните работи на четирите објети изнесува 220.700.000,00 денари. Вкупниот капацитет на градинките е 552 деца, и се очекува да бидат изградени и опремени до средината на 2021 година.

„Продолжуваме да создаваме повеќе простор во градинките којшто е неопходен за раниот развој на децата кои се иднината на нашата држава. Нашата цел е само со поддршката од Светска банка до јуни 2024 година да обезбедиме 7.500 нови места во градинките. Истовремено работиме на подготовка на проекти за останатите 13 апликации кои се избрани на првиот јавен повик, и во следните неколку месеци очекуваме и со овие општини да потпишеме договори за грант“, рече министерката Царовска на потпишувањето на договорите за грантовите.

Царовска ги повика општините да изготват квалитетни проекти и да аплицираат за изградба на нови градинки бидејќи инвестирањето во раниот детски развој треба да биде приоритет на државата и на локланите самоуправи. Следниот јавен повик за доделување на грантови за градинки се очекува да се распише во средината на идната година.  

Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти. Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги подобрува условите и квалитетот  во детската заштитa.  Истоврмено ги јакнеме професионалните компетенции на кадарот и го враќаме достоинството на професијата воспитувач со зголемувањето на платите во просек за 16%.