Царовска: Со социјалната реформа ја зголемивме социјалната помош за три пати, но и платите на социјалните работници за 26% 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се обрати на настанот во рамки на ЦЕЕПУС мрежата за социјална работа и социјална политика “Регионална недела“ кој од 25-29 ноември се одржува на Филозофскиот факултет во Скопје.

Министерката пред експерти од областа на социјалната заштита од земјава и странство ја презентираше социјалната реформа и соработката со Институтот за социјална работа и социјална политика во подготовката на законските регулативи.

“Мора да истакнам дека околу 70% од  препораките што ги добивме од институтот ги вметнавме во законските решенија. Сега имаме во просек за три пати зголемена социјална помош за корисниците и социјални пакети со коишто ја намалуваме сиромаштијата, но и   26 % зголемени плати на социјалните работници коишто ја имплементираат реформата. Дел од овие работници работат со лица со тешки попречености и немаа покачување на платите повеќе од 15 години и работеа за минимална плата. Ваквата состојба сега е променета”, рече Царовска.

Министерката истакна дека во тек е спроведувањето на втората фаза од социјалната реформа- развој на социјалните услуги на локално ниво кои ќе се имплементираат преку општините за што на располагање се 10 милиони евра.

На настанот се обрати и преставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција Ди Џовани, којашто зборуваше за улогата и придонесот на УНИЦЕФ во земјите од Западен Балкан.

Целта на Регионалната недела е да се истакнат искуствата и потребата од регионалните вмрежувања заради здружување на најдобри практики и договорање стандарди во социјалната политика и социјална заштита кои ќе бидат договорени и прифатени од истражувачите, практичарите и политичарите во интерес на одржливост и унапредување на системите на социјална заштита.  

На настанот учествуваат 8 професори од регионот, сите професори од Институтот за социјална работа и социјална политика, како и студенти на докторски и магистерски студии од регионот и при Институтот.