Царовска во посета на Дневниот центар во Кочани: Платите на стручните лица во социјална заштита зголемени за 22%

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вчера попладнето го посети Центарот за социјални работи во Кочани како и Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост. Министерката се сретна со вработените во центарот , но и со корисниците на услугите во дневниот центар со кои разговараше за социјалната реформа и за унапредување на правата на лица со попреченост.

„Со социјалната реформа освен што ја зголемивме социјалната помош за околу 300 %, ги унапредуваме и правата на лицата со попреченост со воведување и развивање на услуги на локално ниво. Дневните центри се еден од овие сервиси кадешто лицата со попречености добиваат услуги согласно индивидуалните потребни, но и допринесуваат за нивна поголема вклученост во општеството. Истовремено со зголемувањето на платите за 22% на давателите на услугите во социјалната заштита ја вреднуваме работата на стручните лица. Лично сметам дека овој кадар треба да е мотивиран посветено и профсионално да си ја врши работата, бидејќи е клучен за имплементацијата на социјалната реформа којашто ја стартувавме неодамна. Ова се луѓето кои директно работат со лицата во социјален ризик и на нивно извлекување од сиромаштија и заслужуваат вреднување на нивниот труд”, изјави министерката Царовска во Кочани. Министерката истакна дека социјален работник кој има 34 години стаж и претходно земаше 26.791 денари сега со покачувањето зема за 5.398 денари повисока плата, односно вкупно 32.189 денари.

Директорот на Центарот за социјални работи во Кочани, Кирил Ковачев истакна дека, ова е најголемото зголемување на платите во историјата на социјалната заштита во Северна Македонија и дека на овој начин сепоттикнуваат социјалните работници и останатите стручни лица попрофесионално да ја извршуваат работата.“Како за пример, негователка вработена  во  Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост која претходно земаше 12.583 денари,  со покачувањето зема плата од 18.092 денари, со што кај неа имаме покачување 5.509 денари повеќе“, изјави Ковачев. 

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев ја истакна одличната соработка на Општината со Министерството за труд и социјална политика.  Ние, како локална самоуправа имаме повеќе мерки за решавање на социјалните проблеми на граѓаните на Кочани. За формирање на вистинската социјална слика на локалната средина посебно значаен е Мобилниот сервис за здравствени и социјални услуги, кој работи изминатава година. Исто така, со одлуки на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите даваме поддршка на семејствата во социјален ризик.

Во соработката со Министертсвото и со Центарот за социјални работи ќе продолжиме со уште поголема грижа кон граѓаните на Кочани.