Министерката Царовска на работен состанок со Сојузот на пензионери: Пензиите се стабилни и продолжуваат да растат 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска одржа работна средба со претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова и други преставници и членови на Извршниот одбор на Сојузот.

На состанокот се дискутираше за носењето на Закон за пензионерско организирање којшто го предлага Сојузот, за старските, односно пензионерските домови и за усогласувањето на пензиите.

“Мислам дека е многу важно да имаме вакви средби на кој што ќе имаме конструктивни дискусии во врска со сите прашања поврзани со пензионерите коишто преку својот труд во минатото учествувале во изградба на нашето општетество“, рече министерката на средбата.

Во врска со усогласувањето на пензиите министерката истакна дека со пензиската реформа се стабилизираше пензискиот систем и е направена заштеда во Буџетот од 4 милијарди денари, но и се исплати пензија без позајмици.

„Пензиите се стабилни и продолжуваат да растат. Со последните законски измени пензиите ќе растат колку што ќе расте и инфлацијата и тоа два пати во годината, а предвидено е и трето усогласување на крајот на годината доколку имаме економски раст од над 4 %, што според досегашните показатели е возможно да се случи“, рече Царовска.Просечната пензија порасна од 13.754 денари во декември 2016 на 14.580 денари со последното усогласување во март годинава.