Министерката за труд и социјална работа, Мила Царовка и министерот за економија, Крешник Бектеши по повод Денот на рударите - 28 август го посетија рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица. 

Министрите се запознаа со мерките и вложувањата во областите на безбедност и здравје при работа и за заштита на животната средина, инвестициите во современа технологија и во производниот процес на рудникот САСА.

Министерот за економија Крешник Бектеши, истакна дека на Владата на Република Северна Македонија и е особено значајно оваа гранка да се развива за да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството.

„Последните податоци говорат дека во јуни годинава рударството бележи пораст од 5,2%, споредено со истиот месец минатата година. Овој важен стопански сектор, и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот Рударство и вадењето на камен учествува со 8,3%. Тоа значи дека инвестициите во рудниците, но и поддршката која ја дава Владата на овој сектор даваат резултати. Натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој. Министерството за економија постојано ги следи активностите во рударството и како институционален партнер постојано се стремиме, преку подобрување на регулативата, да овозможиме што подобри услови за развој на секторот. Рудникот за олово и цинк САСА е пример за одговорно рударство и развој преку вистинско партнерство со заедницата и што е најважно нуди солидни услови за работа и грижа за вработените“, истакна ресорниот министер.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска осврнувајќи се на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои рударите, од почетокот на оваа година добија намалување на старосната граница за пензионирање, изјави дека изминатиот период Владата работеше на унапредување на правата на рударите. 

“Ветивме и го исполнивме долгогодишното барање за намалување на старосната граница за пензионирање на рударите коишто работат во подземен коп. Наместо на 58 години возраст, со законските измени тие во старосна пензија заминуваат на 50 години, односно со 40 години стаж за мажи и 35 години стаж за жени. Од почетокот на годината до сега по новиот закон во пензија заминаа 51 рудар од кои 43 се од САСА”, рече Царовска. Министерката потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи на политики за подобрување условите за работа на вработените во овој сектор и поттикнување на младите да се вклучат во рударството.

Во рамки на посетата министрите остварија посебни средби со претставници на менаџментот на компанијата.

Министерот за економија Бектеши се сретна со Ник Кларк, претседател на Управниот одбор и Најџел Робинсон извршен директор на Централ Азија Металс од Лондон. На средбата на министерот Бектеши му беапрезентирани досегашните инвестиции и идните планови за проширување на производството.

Министерката Царовска оствари средба претставници на менаџерскиот тим задолжени за здравје и безбедност на работа и човечки ресурси.

Рудникот за олово и цинк САСА е најголемиот рудник со подземна експлоатација во земјата. Има 700 вработени и годишно во просек се ископуваат околу 800.000 тони руда.