Седница на Советот за социјална сигурност

Денеска (05.04.2018) се одржа петтата седница на Советот за социјална сигурност на која присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за здравство Доц. Д-р. Венко Филипче.  

На седницата се дискутираше по предлог проектите од областа на здравствената заштита и тоа:

1. Пренамена на неискористениот простор на општите болници во геронтолошки одделенија

2. Зголемување на износот на ослободување од партиципација за здравствени услуги за корисници на пензија 

3. Нови пакувања на лекови и терапија за хронично болните пациенти

4. Обезбедување на теренски доктори во руралните средини и подвижни аптеки.

Министерот за здравство Филипче и претставниците на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија ги презентираа тековните состојби и идните активности во однос на овие проекти. 

Во врска со предлог проектот за пренамена на неискористениот простор на општите болници во геронтолошки одделенија од страна на министерот за здравство беше наведено дека веќе се разгледуваат можностите за реализација на овој предлог проект и дека до крајот на 2018 година во соработка со Министерството за труд и социјaлна политика ќе се добијат реални проценки на состојбата на овие простории и начинот на нивната пренамена.

По предлог проектот за зголемување на износот на ослободување од партиципација за здравствени услуги за корисници на пензија, од страна на претставниците на Министерството за здравство се наведе дека се во тек финансиски анализи на ефектите од овој предлог проект и дека во втората половина на 2018 година ќе се утврдат можностите за негова реализација.

За предлог проектот нови пакувања на лекови и терапија за хронично болните пациенти од страна на претставниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Бирото за лекови беше наведено дека во е тек реформа во однос на начинот на издавање на лекови со цел  олеснување на постапката за нивна набавка од страна на граѓаните.

По однос на проектот за обезбедување на теренски доктори во руралните средини и подвижни аптеки беше наведено дека овој проект веќе се имплементира, но истиот во некои општини е со слаба опфатност поради недоволен капацитет на медицински лица. Со цел поширока опфатност на граѓаните се планира зголемување на активностите за поширока покриеност на руралните општини со овој проект.