Детски додаток

Детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците во подигање и развој на детето,  во зависност од материјалната состојба на домаќинството и се  обезбедува на дете до наполнување на 18 години живот, како и на корисници на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјална заштита.

Право на детски додаток се обезбедува на дете државјанин на Република Северна Македонија кое живее во домаќинство со постојано место на живеење во Република Северна Македонија и доколку домаќинството не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува. 

Право на детски додаток се обезбедува и на дете од домаќинство кое остварило односно користи право на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита.

Право на детски додаток може да оствари еден од родителите на детето, старателот или лицето на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа детето му е доверено на чување и воспитание под услови утврдени со овој закон.Корисникот на правото на детски додаток треба да биде државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република  Северна Македонија.

Странски државјанин кој има живеалиште и регулиран постојан престој во   Република Северна Македонија може да оствари право на детски додаток за дете согласно Законот за заштита на децата и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Македонија.  Детски додаток се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството и се  обезбедува на дете до наполнување на 18 години живот. 

Детски додаток следува за децата  кои родителот ги издржува и тоа за деца родени во брак или вон брак, посвоени деца, како и за внуци, браќа, сестри и за други деца земени на издржување.

За децата земени на издржување, детски додаток следува и кога тие имаат родители, ако:     

  • родителите им се наполно или трајно неспособни за работа;    
  • се на издржување казна затвор; и    
  • им е одземено родителското право
За деца земени на издржување детски додаток следува во случај кога и родителите и децата немаат имот или приходи од кои децата можат да се издржуваат.

 Детски додаток следува и за дете кое е без родителска грижа, а е сместено во згрижувачко семејство. 

ПРАВО НА ДЕТСКИ ДОДАТОК има дете во семејство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото  по сите основи на сите членови во домаќинството е во висина до прагот за пристап  на  правото на детски додаток

  • ПРАГОТ ЗА ПРИСТАП ДО ДЕТСКИОТ ДОДАТОК е во зависност од бројот на членови во домаќинството и се пресметува со еквивалентна скала која за еден член на домаќинството е 1 и изнесува  6000 денари, а за останатита членови еквивалентната скала се зголемува за коефициент од  0,5 за вториот член на домаќинството, за коефициент од  0,4 за третиот член на домаќинството,  за коефициент од 0,4 за четвртиот член на домаќинството,  за коефициент од 0,2 за петтиот член на домаќинството, за коефициент од  0,1 за шестиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за седмиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за осмиот член на домаќинството, а најмногу до осум членови на домаќинството        

ЕКВИВАЛЕНТНАТА СКАЛА се зголемува дополнително за 1,2 за самохран родител

Така на пример, за тричлено домаќинство вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото  по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 11.400 денари, за четиричлено домаќинство 13.800 денари, за  петчлено домаќинство 15.000 денари, за  шестчлено домаќинство 15.600 денари, за седумчлено 16.200 денари, а за осумчлено 16.800,00 денари. 

Кај    тричлено  домаќинство со еден  самохран родител прагот за пристап изнесува 18.600 денари, кај петочлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 22,200 денари.

При утврдување на висината на прагот за пристап на правото на детски додаток, за член на домаќинство или семејство не се смета лице кое е:

  •  
    • на издржување казна затвор подолго од 30 дена,
    • со решение на центарот за социјална работа е сместено  во   установа за вон-семејна социјална заштита, или е сместено во здравствена или друга установа за период додека трае сместувањето, и 
    • сторител на семејно насилство.

 Кога на домаќинството ќе му престане правото на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита, центарот за социјална работа по службена должност преиспитува дали се исполнети условите за продолжување на користење на правото на  детски додаток.

Домаќинство во смисла на Законот за заштита на децата  е едночлено  домаќинство или заедница на членови на семејството,  како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

Семејство во смисла на Законот за заштита на децата  го сочинуваат брачните, односно вонбрачните другари, самохран родител, децата родени во брак, вон брак или посвоени, посиноци, внуци без родители земени на издржување и малолетни браќа и сестри (доколку немаат родители и се без средства за егзистенција), кои сочинуваат заедница на живеење, стопанисување и трошење.

За самохран родител на дете за кое се остварува право на детски додаток и/или право на додаток за образование, во смисла на Законот за заштита на децата,  се смета родител на :

  •  
    • дете кое го издржува, ако другиот родител е починат; - дете кое по смртта на еден родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител е во работен однос; 
    • дете кое по смртта на еден родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител не е во работен однос; 
    • дете од разведен брак ако  родителот кај кого детето живее  не живее во брачна, односно вонбрачна заедница;   
    • дете на кое едниот  родител е непознат и              
    • дете на кое едниот  родител се води за исчезнат

Детски додаток не следува:

  •  
    • за дете сместено во установа за социјална заштита или друга установа со решение на центарот за социјална работа и     
    • за дете државјанин на Република Македонија за кое родителот остварил право на детски додаток согласно со прописите на друга држава.               
Правото на детски додаток се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството.     Право на детски додаток има дете во семејство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на детски додаток согласно Законот за заштита на децата.

За вкупни просечни месечни приходи на сите членови на домаќинството се сметаат:       

1.  Доход од работа;       

2. Пензија остварена во Република Северна Македонија;   

3. Доход од самостојна дејност;       

4. Доход од авторски и сродни права;       

5. Доход од продажба на сопствени земјоделски производи;       

6. Доход од права од индустриска сопственост;         

7. Доход од закуп и подзакуп;       

8. Доход од капитал;          

9. Капитални добивки;       

10. Добивки од игри на среќа; 

11. Доход од осигурување;   

12. Друг доход;       

13. Право на социјална сигурност на старите лица;           

14. Паричен надоместок по основ на невработеност;       

15. Воена инвалиднина;       

16. Цивилна инвалиднина;       

17. Законска издршка;        

18. Родителски додаток за детe;       

19. Финансиска поддршка од областа на земјоделството и руралниот развоj;       

20. Траен надоместок;        

21. Надоместок на плата за скратено работно време, и        

22. Додаток за образование на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.   

Право на детски додаток не може да се оствари за дете  ако  домаќинството  поседува:              

1.  Друга  семејна куќа или стан во која не живее или не ја користи за живеење;               

2.  Стан или куќа во градба;                

3.  Деловен простор;               

4. Заштеди/штеден влог во вредност над 70.000 денари и               

5.  Хартии од вредност.       

Како приход, при остварување и користење на правото на детски додаток, не се смета:  

1.  Надоместок за помош и нега од друго лице;

2. Надоместок заради попреченост;

3.  Додаток за домување;

4.  Еднократна парична  помош;

5. Паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во згрижувачко  семејство;

6.  Еднократна парична помош за новороденче; 

7.  Посебен додаток;8. Гарантирана минимална помош;

9. Додаток за  образование (за основно и/или средно образование);   

10. Надоместок за попишувач за изршување на работи во врска со спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија на членовите на домаќинството во висина до 15.000 денари;

11. Паричен надоместок што се исплаќа во рамки на ИПА проект, финансиран од Европска унија и спроведен во Министерството за труд и социјална политика; 

12. Приход по основ на работно ангажирање за општинско корисна работа согласно програма од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување;

13. Надоместок за посета на обука, остварен согласно програми/мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување;

14. Стипендија;

15. Приход по основ на работно ангажирање за извршување на јавни работи, сезонски работи и други повремени работи согласно Законот за работните односи;

16. Донации во согласност со Законот за донации;

17. Надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти;

18. Надомест за практикантска работа согласно Законот за практиканство;

19. Надоместок за волонтери согласно Законот за волонтерство;

20. Финансиска помош која се користи за лекување во земјата или во странство;

21. Надоместок кој произлегува од активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија.   

22. Пријавени или остварените нето приходи од доход од продажба на сопствени земјоделски производи на сите членови на домаќинството во висина до 300.000 денари, а над овој износ, во висина од 80% од остварениот доход во последните 12 месеци;   

23. Пријавени или остварените нето приходи од друг доход на сите членови на домаќинството, во висина до 30.000 денари во последните 12 месеци; и

24. Законска издршка за дете во висина до 6.000 денари.

При остварување и користење на право на детски додаток за дете од домаќинство кое остварило, односно користи право на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита, не се утврдува  материјалната состојба на домаќинството.  

ВИСИНАТА НА ДЕТСКИОТ ДОДАТОК зависи од бројот и возраста на децата во семејството, и тоа:    

  • доколку во семејството има дете на училишна возраст согласно закон, висината на детскиот додаток за едно дете изнесува 1.000 денари месечно, а за две и повеќе деца  во семејството изнесува 1.600 денари месечно за сите деца    
  • дококу  во семејството има дете кое не е на училишна возраст согласно закон, висината на  детскиот додаток за едно дете изнесува 1.200 денари месечно, а за две и повеќе деца изнесува 1.900 денари месечно за сите деца   
  • доколку во семејството има две и повеќе деца, кои не се сите на училишна возраст, висината на детскиот додаток за сите деца изнесува 1.600 денари месечно
Висината на детскиот додаток се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година. Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година, не се врши  усогласување на висината на детскиот додаток.

ПОСТАПКАТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ  НА ПРАВОТО ЗА ДЕТСКИ ДОДАТОК се поведува по поднесено барање на родителот, односно старателот на детето. Поднесувачот на барањето е одговорен за вистинитоста на податоците  во барањето. Барањето за остварување на правото со потребна документација се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште или престојувалиште. 

Правото за детски додаток се остварува од денот на поднесувањето на барањето. 

 Корисникот на правото на детски додаток е должен надлежниот центар за социјална работа да го извести за секоја промена на фактите и околностите кои биле основа за признавање на правото најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, во спротивно му престанува правото, како и во случај ако дал невистинити податоци.

Центарот за социјална работа по службена должност повремено, а најмалку еднаш годишно го преиспитува постоењето  на фактите и условите за стекнување и користење на правото за заштита на децата и доколку утврди дека истите се променети,  донесува ново решение.

Центарот за социјална работа ја утврдува потребата за остварување и користење на  правото  на детски додаток врз основа на извршен непосреден увид во домаќинството на подносителот на барањето и корисникот на правото, согласно Законот за социјалната заштита.

По жалба против решението на центарот за социјална работа како првостепен орган решава министерството за труд и социјална политика како второстепен орган.

Барањето за остварување на правото на детски додаток се поднесува на Образец БДД/ГМП „Барање за остварувањена право на детски додаток“- ПРИЛОГ бr.1 БДД/ГМП , кој се наоѓа на банерот кој може да се најде на следниот линк.