Родителски додаток за дете

Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете. Правото го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето.
Правото на родителски додаток го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање,  чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.

Правото не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар-специјалист по гинекологија и акушерство.

Правото не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку:

  • не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон  и 
  • детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон.

 

По исклучок правото на родителски додаток се  остварува и за детето:


  • кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и
  • кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон.

 


Правото не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство. 

Во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува погоренаведените  услови.


Оправдани причини се:


  • подолготрејно континуирано болничко лекување на мајката;
  • сериозно нарушена здравствена состојба на мајката;
  • студиски престој, усовршување и специјализација на мајката и
  • одземена деловна способност на мајката.

 

Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години.
 Висината на правото за  2019 година   е во износ од 8.362,00 денари. 

Барање за остварување на право за родителски додаток за дете со потребна документација во прилог се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има постојано место на живеење. 

Барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и правото на родителски додаток за дете се остварува од денот на раѓањето на детето.

Редоследот на раѓањата на децата кај правото на родителски додаток за дете се утврдува спрема бројот на живи деца на мајката утврдени во однос на денот на поднесување на барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете, спрема датата и часот на раѓањата запишани во матичната книга на родените, кој редослед се утврдува на ист начин и во случаите кога мајка ќе роди повеќе деца одеднаш.

Барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година. Доколку барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете е поднесено после овој рок, барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото. 

Обрасци на барања за остварување-продолжување на правото на родителски додаток за дете (за трето дете):


  • Барање за остварување-продолжување на правото на родителски додаток за дете (за трето дете) –ПРИЛОГ бр. 4 БРДД (кога правото го остварува мајката)  и
  • • ПРИЛОГ бр.4А БРДД (во случаите кога правото го остварува таткото/старателот), кој се наоѓат на веб страната на МТСП.

Согласно измените на Законот за заштита на децата објавени во Сл. Весник на Република Северна Македонија бр.104/19, правото на родителски додаток за дете (за трето дете)  ќе се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користење на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето плата утврдена за претходната година,  односно во зависност од материјалната состојба, после 10 месеци од влегување во сила на измените, а кој во сила влегоа од денот на објавувањето во сл. Весник на  23 мај 2019 година, - од 23 март 2020 година.
 

По сите барања за остварување на правото на родителски додаток за дете (за трето дете) во периодот од десет месеци од денот на  влегувањето во сила на овој закон, поднесени во рок  најдоцна до наполнети три месеци живот на детето, може да се оствари правото на родителски додаток за дете (за трето дете) согласно одредбите кои се однесуваат  на правото на родителски додаток за дете од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/13, 12/14, 44/14, 144/14, 10/15, 25/15, 150/15, 192/15, 27/16, 163/17, 21/18 и 198/18),  ако ги  исполнуваат и другите предвидени услови според одредбите на прописите кои важеле пред влегувањето во сила на овој закон.


Со денот на  влегувањето во сила на овој закон продолжува да се остварува стекнатото право на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете) согласно одредбите на членовите 30-а и 30-б од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 98/00, 17/03, 65/04, 113/05, 98/08 и 107/08), одредбите на членовите 98 и 99 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 83/09) и прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на  овој закон во висина утврдена со  членот 9 од  Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 156/09), како и стекнатото право на родителки додаток за дете (за трето дете), согласно одредбите на членовите 38 и 39, 39-а од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/13, 12/14, 44/14, 144/14, 10/15, 25/15, 150/15, 192/15, 27/16, 163/17, 21/18 и 198/18), како и одредбите од членовите  41, 42, 43, 44, 45, 47, 48,  49, 50 и 52, од  Законот за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/13, 12/14, 44/14, 144/14, 10/15, 25/15, 150/15, 192/15, 27/16, 163/17, 21/18 и 198/18) кои се однесуваат на правото за родителски додаток за дете во делот на постапката за остварување/продолжување  на правата и подзаконските акти. 


Стекнатото право  на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете) од ставот 1 на овој член  ќе продолжи да се остварува, односно продолжува до завршување на периодот на користење на оствареното, односно продолженото право на родителски додаток за дете (за трето дете до завршување на  периодот од десет години, а за  четврто дете и кај единствениот родителски додаток до завршување на периодот од 15 години)  согласно  членот 30-а од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 98/00, 17/03, 65/04, 113/05, 98/08 и 107/08), одредбите на членовите 98 и 99 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 83/2009), одредбите за  правото на родителски додаток за дете (за трето дете) од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр 23/13, 12/14, 44/14, 144/14, 10/15, 25/15, 150/15, 192/15, 27/16, 163/17, 21/18 и 198/18) и прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон во висина од 8.048 денари за трето дете, 11.267 денари  за четврто дете  и  16.096 денари за единствениот родителски додаток за дете  кои висини  ќе се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година.


Во случај кога порастот на трошоците на живот за претходната година се пониски од последната година на усогласување, или се со негативен предзнак, не се врши усогласување на висината на правото на родителски додаток за дете, односно истото  ќе се обезбедува со последната  усогласена година како поповолна за корисникот.